Нови провокативни изјави доаѓаат од Бугарија. Бугарскиот претседател Румен Радев ги обвини македонските политичари за обид за градење идентитет врз основа на комунистички фалсификати, а не врз историски вистини. За реакциите во Македонија по отворањето на културниот клуб во Битола, кој го носи името на Ванчо Михајлов, Радев утринава одговори дека кога веќе се зборува за фашизам, треба да се нагласи улогата на Михајлов – тој му се спротивставил на Хитлер да ја вовлече Македонија во, како што рече, братоубиствена војна со Бугарија.
„Не Иван Михајлов, туку други луѓе, во југословенската диктатура во Македонија, убиваа и протеруваа десетици илјади во концентрациони логори, само зашто решија да продолжат да се нарекуваат Бугари, а не Македонци. Ете тоа е вистински фашизам“, рече Радев.
На оваа изјава одговори неговиот македонски колега, претседателот Стево Пендаровски.
„На територијата на Македонија никогаш немало концлогори, ниту тогаш, ниту денес. Бројката од десет илјади наводно убиени е лага, практично гола конструкција за политички цели“, рече Пендаровски.






