„После сè што направив за Венко, мислам дека тој треба да направи прв чекор и да ме удостои со кафе. Да си го исполни ветувањето што го даде јавно. А јас дури и да сум на смртна постела, пак ќе сакам кафе да пиеме”, вели Лиде.
Кога на почетокот на пандемијата тогашниот министер за здравство, Венко Филипче, секојдневно одржуваше пресови за да ги соопшти бројките на заразени и починати од корона, меѓу пораките што ги добиваше беа и оние на извесна Лиде Лиде. Таа постојано го канеше на кафе и со своите шеговити коментари за кратко време се најде во центарот на вниманието. Малкумина тогаш знаеја дека зад Лиде Лиде се крие Лидија Гиновска, која во разговор за „Репортер” откри дека сето ова со министерот почнало од забава, за да си направи да ѝ е интересно.
На почетокот не знаела дека постои корона и целата ситуација не ја сфатила сериозно. За Филипче, пак, знаела дека е хирург, ама не и дека во меѓувреме станал министер. Кога го видела првпат на прес ѝ делувал многу сериозен. „Сакам луѓето што се сериозни да ги реметам” вели Лиде, па затоа и ја испратила првата порака да го покани министерот на кафе. Скоро една година подоцна, го запознала во едно кафуле во Скопје.






