Прочуен по одважното штитење на Православието на Флорентинскиот Собор, наспроти царот и папата. Се упокои мирно во 1452 година. На смртниот одар го молеше својот ученик Георгиј, подоцна славниот патријарх Генадиј, да се чува од стапиците на Западот и да го брани Православието.
Свети Арсениј, епископ Керкирски
Го дополни и во сегашниот облик го состави чинот на елеосвештението. Се упокои во 959 година. Моштите му почиваат во Соборната црква на Крф.
Преподобен Макариј Велики
Еден од помладите современици на Антониј Велики. Татко му беше свештеник. Од послушност кон родителите се ожени, но жена му набрзо умре, а тој се оддалечи во пустина, каде што помина полни шеесет години во труд и борба, внатрешна и надворешна, за Царството Небесно. Кога го прашаа зошто е толку сув и кога јаде и кога не јаде, одговори: „Од страв Божји“. Толку успеа да си го очисти умот од злите помисли и срцето од зли желби, што Бог го дарува со изобилен дар на чудотворство, така што и мртви воскреснуваше од гробовите. Неговото смирение ги восхитуваше и луѓето и демоните. Еднаш демонот му рече: „Само во едно нешто не можам да те надвладеам; тоа не е постот, зашто јас никогаш не јадам; не е бдеењето, зашто не спијам никогаш“. „А што е?“, праша Макариј. „Твоето смирение“, му одговори демонот. На својот ученик Пафнутиј, Макариј често му говореше: „Не осудувај никого и ќе се спасиш“. Живееше деведесет и седум години. Девет дена пред смртта му се јавија од оној свет свети Антониј и свети Пахомиј и му навестија дека за девет дена ќе умре, што и се случи. Уште пред самата смрт му се јави херувим, којшто во видение му го откри блажениот небесен свет, ги пофали неговиот труд и добродетели и му рече дека е испратен за да ја земе неговата душа во Небесното Царство. Се упокои во 390 година.
Блажениот Теодор jуродив

Јуродив заради Христа, од Новгород. Пред смртта трчаше по улиците и им викаше на сите: „Проштевајте, патувам далеку!“ Се упокои во 1392 година.






