Вчера започна примената на „Недела – неработен ден“, законска одредба која ги подели граѓаните. Поголемиот дел ја оправдуваат, со образложение дека и работниците имаат право еден ден во неделата да одморат и да го посветат на семејството, а, како што велат општеството ќе продолжи да функционира и еден ден продавниците и маркетите да бидат затворени.
Професорката Мирјана Најчевска се огласи со свој став, по повод потрошувачкиот менталитет:
-Навистина не ми е јасно кој е тој фазон што луѓето не можат да издржат еден ден без продавници. Кој е тој порив цело време да мора да се купува. Ништо попаметно не знаат да прават? Немаат друга забава? Не можат да испланираат за еден ден храна? Кој е тој потрошувачки менталитет? – праша таа.
На нејзиниот став се надоврзаа голем број истомисленици, но и противници.
Живеам во Шведска. Тука продавниците работаат секој ден, не мислам само на продавници за храна туку сите општо. И во викенди има најмногу купувачи. Најчесто ние( купувачите) пазариме во викенди затоа што преку неделата сите работиме и немаме многу време за шетање по продавници.Се разбира луѓето кои работат во недела се повеќе платени, гласи еден коментар на нејзниот став.
Недела ќе биде ден за одмор за околу 92% од работниците. Вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела предвидено е да добиваат двојно повисока дневница. За непочитување на одредбата се предвидени казни од 800 до 10.000 евра за фирмите и од 50 до 500 евра за одговорните лица.






