Не случајно е последното барање на Бугарија за тоа Бугарите да влезат во македонскиот Устав, затоа што сите нивни претходни барања во однос на историјата, јазикот… наидоа на лош прием кај меѓународната заедница, вели Стојко Стојков, копретседателот на ОМО Илинден Пирин, нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија во интервјуто за јутјуб каналот на здружението на граѓани Нов АСНОМ.
„Сите овие историски барања на Бугарија се апсурдни. Ненаучни. Бугарија сфати дека не може да ја оправда таквата своја позиција. И затоа се префрлија на човековите права и се измисли оваа приказна со наводните проблеми на Бугарите во Македонија.
Во извештаите за човековите права на меѓународните организации изработени во последните 20 години никаде не се споменува проблемот на Бугарите во Македонија. Никаде. Но затоа, во сите тие извештаи се нотирани сериозните проблеми што ги има македонското малцинство во Бугарија“.
Стојков вели дека „сè што бара Бугарија, всушност, индиректно е насочено против македонското малцинство во Пиринска Македонија. Очигледно е дека македонското малцинство многу му смета на бугарската национална елита“.
За договорот за пријателство и добрососедство вели дека тоа не е Договор, туку инструмент за бугарска уцена на македонските евроинтегративни процеси, уцена за постигнување на националистичките барања на Бугарија,
Стојков смета дека бугарското оспорување на Македонија ќе продолжи и ако се прифати барањето на Софија во македонскиот Устав да влезат и Бугарите.
„Тоа нема да значи крај на оспорувањето на Македонија од страна на Бугарија. Бугарија бара редефинирање македонската нација на пробугарска основа. Тоа е така поставено уште во 1963 година од Живков. За нив македонскиот јазик е бугарски, македонската култура е бугарска, нема Македонци пред 1944 година, македонска нација има само во Република Македонија и таа е на пробугарска основа. Сите нивни барања се ненаучни и спротивни на вредностите на ЕУ. Затоа и ја немаат меѓународната поддршка. Ако Македонија сама се откаже од својот идентитет, тогаш за ЕУ ќе нема никаков проблем, тоа за Европа ќе биде самоопределување, сопствена одлука“, смета Стојков.






