Пронајдено е 45-то тело од трагичната несреќа во Бугарија.
– Информацијата за тоа ја објави бугарскиот заменик јавен обвинител Борислав Сарафов кој посочи и дека на тој начин се разрешува дилемата за евентуалниот осми преживеан патник кој бил спасен. Оваа информација попладнево ја потврди и македонскиот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Екипа од бугарското јавно обвинителство од денеска и најдоцна до недела ќе биде во Скопје за подигање на сите документи поврзани со автобусот, како и изработените ДНК профили од роднини на настраданите за идентификување на починатите. Јовески најави дека документите ќе им бидат дадени во текот на утрешниот ден.
На местото на трагедијата пак и денеска беше раздвижено. Дел од бугарските медиуми пренесоа дека беа неочекувано голем број полициски сили кои со кучиња трагачи го пребаруваа теренот. Но, не е познато која е причината за тоа.






