Поранешниот грчки амбасадор во Скопје, Александрос Маљас, меѓу опциите на Грција ако некоја нова македонска влада го раскине Преспанскиот договор го спомнува и Меѓународниот суд на правдата во Хаг, чија пресуда дека Атина ја прекрши Привремената спогодба со букурешкото вето за влез на Македонија во НАТО неговата земја ја игнорира.
„Што вели Договорот од Преспа? Прво, Атина ја информира другата страна дека, според наше мислење, го прекршила договорот и другата страна ќе треба да одговори. Второто ниво е генералниот секретар на Обединетите нации, кој, лично мислам, тешко дека би се вмешал во прашање што е завршено. И третото е тужба до Меѓународниот суд на правдата во Хаг, заедничка, но ако Скопје не сака така, можеме сами да се обратиме. Ова го предвидува Договорот. Но, за да ја добиеме правдата во Хаг, ќе бидат потребни неколку години“, објасни Маљас за грчката телевизија Скај.







