Дел од родителите веќе ја посетиле и делумно се запознати со нејзината функционалност. Тие велат дека децата би требало бргу да се адаптираат, иако на помалите на почетокот ќе им треба нивна помош. Сепак, повеќето од нив се едногласни дека наставата со физичко присуство е незаменлива.
-На почетокот сигурно ќе треба присуство на родител, а потоа ќе ја совладаат, децата за ИТ опрема се многу оспособени, не е проблем ќе го совладаат тој момент, меѓутоа момент на совладување на материјалот ќе биде проблем.
-Мислам дека нема да имаат проблем, поготово децава, можеби повозрасните наставници да имаат проблем.
-Во секој случај физичкото присуство не може да се замени, мислам дека е незаменливо.
-Они се второ и трето ќе одат со физичко присуство, уште ми е рано за тие тешки денови. Се разбира дека ќе биде тешко и на родителите и на децата и на наставниците ама во такво ситуација сме и во такви времиња, мора да се снаоѓаме.
Најголем дел од учениците поради коронакризата есенва нема да можат да се обединат во училишните клупи, туку далечински ќе се едуцираат. Засега, единствено најмалите од прво до трето одделение ќе можат бидат дел од настава со физичко присуство.
Од министерството за образование велат дека ова е значаен процес, а за негов успех се потребна силна и партнерска соработка на сите нивоа. Тие веќе испратија насоки до сите училишта задолжително да се достават корисничките лозинки до учениците. Воедно, ги повикаа и директорите на училиштата кои што не го сториле тоа да го забрзаат процесот, и до понеделник тие да бидат доставени.





