Од Собранието информираат и дека премиерот Зоран Заев се уште на ја доставил оставката до законодавниот дом. На денешната координатива средба кај Џафери воопшто не станало збор за следните чекори што би следувале по синоќешната изјава на Заев дека поднесува оставка од премиерската функција.
Според член 219 од Деловникот на Собранието, „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.

Претседателот Стево Пендаровски официјално не е информиран за оставката на премиерот Зоран Заев, што повлекува оставка на цела Влада.
Оттаму за МИА посочуваат дека кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието.
-Претседателот, официјално не е информиран од претседателот на Собранието дека претседателот на Владата поднел оставка, што повлекува оставка на цела Влада. Кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена по извршени консултации ќе го додели мандатот за состав на Влада на партијата или партиите кои што имаат мнозинство во Собранието. Притоа претседателот како и досега во своите постапки ќе се води согласно установеното толкување на уставната норма во праксата во изминатите 3 децении, информираат од кабинетот на Пендаровски.






