Секој припадник на Армијата од денеска има нов комплет спортска опрема. На денешната промоција на 6.800 комплети составени од долни и горни тренерки, атлетски патики и спортски торби, министерката за одбрана Радмила Шекеринска порача дека државата покажува подготвеност и резултати да им помогне на припадниците на Армијата да остварат повисоки критериуми за физичка подготвеност.

Со набавката на спортската опрема, како што истакна министерката, се заокружуваат сите проекти кои значат опрема за секој војник. „Во Армијата, во Министерството за одбрана покажавме навистина дека зборот е збор и дека сите работи кои што се однесуваат на стандардот на Армијата, на функционирањето на Армијата се неспоредливи со ситуацијата од пред неколку години“, рече Шекеринска.
Таа додаде дека униформите, чизмите и другата опрема повеќе не се нерешено прашање за Армијата, туку се реалност.

„Освен униформа за сите припадници обезбедивме и дополнителна втора униформа. Обезбедивме и целосно снабдување со чизми, а сега и целосно снабдување со спортска опрема со што Армијата ги исполнува сите национални и НАТО стандарди, да биде Армија која што е почитувана, која што е горда на својата функција и која што е ценета од својата држава“, рече министерката на промоцијата.
Шекеринска порача дека во изминатиот период Армијата доби и нова специјализирана опрема – алпинистичка опрема, АБХО опрема, целосно ново вооружување за лесната пешадија, а од следната година се очекуваат и првите оклопни транспортери како дел од напорите за модернизација.






