Девица од угледен род во Антиохија. Во времето на царот Нумеријан, антиохискиот началник испрати војници да ја доведат пред судот Пелагија, како прочуена христијанка.
Војниците ја опколија куќата и ја повикаа светата девица на вратата. Тaа им се јави и кога слушна дека дошле за да ја изведат на суд се правеше весела, па им рече да ја причекаат само миг-два да се качи за да се преоблече.
Потоа се качи на покривот од куќата, ги крена рацете кон небото и долго Му се молеше на Бога да ѝ ја прими душата и да не допушти да се оскверни нејзината девствена чистота. И Бог ја прими нејзината душа, а телото падна мртво пред војниците. „Нејзината смрт“, пишува свети Јован Златоуст, „се изврши не како природен пад, но на заповед Божја“, па продолжува: „И така, ова девствено и од секое злато почисто тело лежеше на земја, го опкружуваа ангелите, го почитуваа архангелите, а Самиот Христос беше крај него“.







