Ќе расте инфлацијата во земјава. Од Народната банка велат дека растот на цените на енергенсите на светските берзи и на цената на електричната енергија сепак ќе ја зголемат инфлацијата во Македонија.
Ако со априлскиот циклус проектираа стапка на инфлација од 2,2 проценти, таа ќе биде повисока. Дополнително ќе информираат колкава ќе биде инфлацијата.
Државите во опкружувањето и пошироко преземаат мерки поради енергетската криза.
Привремено укинување на ДДВ-то на струјата и гасот има во Данска, замрзнување на цени на прехранбени производи и на горивата во Хрватска, штедење на струја преку рестрикции во некои фабрики во Кина, а Германија размислува директно да го субвенционира греењето за сиромашните.
Чешка веќе одлучи да го укине ДДВ-то за струја и гас за наредните два месеци.
Помош најавија Грција, Франција, Италија, Шпанија и Полска. Цената на струјата на светските берзи достигна 190 евра за мегават час.







