Цените на гасот во ЕУ, се на рекордно високо ниво, Велика Британија, и покрај сопственото производство има недостаток на гас, САД стравуваат од зголемување на цените, Индија има јаглен само за следните 3 дена, фабриките во Кина работат пар-непар, Албанија прогласи вонредна состојба. Енергетска криза има, а единствено македонската владата само ја следи состојбата и ќе интервенирала таму каде што ќе било потребно. Премиерот Зоран Заев по минатонеделните смирувачки пораки, сега признава дека земјава ќе се соочи со енергетска криза, но без стратегија како ќе ја поминеме зимата, кога потрошувачката на струја се зголемува.
Енергетска криза има, цените се високи, но владата будно ја следи состојбата и ќе интервенира таму каде што ќе биде потребно, изјави премиерот Заев прашан дали државата е подготвена да го ублажи ударот од енергетската криза и растот на цените на основните прехрамбени продукти.
Премиерот вели ќе се следи состојбата следните две три недели, по што ќе се донесат мерки. Но не откри какви ниту колку пари има на располагање во буџетот за да се ублажи ударот и за компаниите и за ранливите категории граѓани.
До крајот на годината нема да има поскапување на цената на струјата за домаќинствата, велат од Владата, но што потоа не знаат. Премиерот се стави во редот на многу поголеми политички фигури од него, кои , како што вели – немале одговор на ова прашање.
Премиерот претходно наведе дека владини и надворешни експерти веќе размислуваат за сите нови начини за надминување на енергетската криза, ако се знае дека по Нова Година, според договорот со универзалниот снабдувач, ќе треба да има нови цени за електричната енергија.






