Во времето на Диоклецијан, некој Магн, антиохиски хегемон, појде со војниците во лов.
Гонејќи некаква ѕверка, војниците видоа дека ѕверката прибегна кај овчарот Марко, којшто овде го чуваше своето стадо. И почна ѕверката да се умилкува околу Божјиот човек Марко. Кога го видоа тоа, триесеттемина војници поучени од Марко поверуваа во Христа.
Хегемонот го врза овој човек, го одведе в град и ги повика тројцата браќа ковачи: Александар, Алфеј и Зосим, на кои им порача да направат мачителски справи за Марко. Но, тие сите тројца позборуваа со свети Марко и од него ја примија верата Христова, па му ја откажаа нарачката на хегемонот.
Хегемонот ги осуди на смрт и нареди да им стават во устата топено олово. На светиот Марко, пак, потоа му беше отсечена главата и положена во храмот на Артемида, поради што тој храм со Божја сила се сруши.







