Вработените во гостиварската болницата, како и пациентите кои и припаѓаат на муслиманската вероисповест ќе може да се молат и да ги изведуваат своите верски обичаи во посебни простории во болницата. Иницијативата дошла од вработените и пациентите, вели директорот на болницата Јакуп Јакупи.
– Станува збор за неискористени простории на петти спрат во болницата и иницијативата е од активисти, граѓани, вработени и пациенти. Иницијативата не е од наша страна, ние не вложуваме ништо, имаше активисти кои го реновираа просторот и тоа ќе биде простор за молитви, каде што ќе можат и пациентите и вработените односно кој сака ќе може да оди, да се помоли и да се врати на работа, изјави Јакупи за ТВ24.
На ова реагираше докторката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, којашто прашува дали ова треба да е приоритет на болницата и дали сите останати потреби за лекување на пациентите и за персоналот се задоволени. Дополнително вели останува дилемата дали е оправдано за време на работа да се извршуваат верски ритуали.






