УЕФА вели дека нема прекршување на Договорот од Преспа, по протесното писмо испратено од Грција и жалбата за акронимот „МКД” кој се користи за Македонија на ЕВРО 2020,
На неколку часа пред почетокот на Европското првенство, грчкиот министер за спорт Лефтерис Авгенакис испрати писмо со жалба до претседателот на УЕФА, за логото на ФФМ кое се наѓа на македонските дресови.
Од грчкиот МНР, Дендиас беше оспорен и акронимот „МКД“.
Европската куќа на фудбалот сега и одговори на Грција, во писмото исраптено од заменик генералниот секретар, Кевин Ламур се вели дека УЕФА го следи примерот на другите спортски институции како Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и го користи кодот (МКД) од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО) и ова е во согласност со член 1, параграф 3, точка е од Договорот од Преспа.
УЕФА исто така потенцира дека во службената комуникација го користи терминот „Фудбалска федерација на Северна Македонија“ и дека оваа терминологија е соодветно адаптирана на ЕВРО 2020.
Европската куќа на фудбалот исто така додава дека нема да дозволи европскиот фудбал да стане платформа на која ќе се пренесуваат политички пораки и ќе продолжи да ја штити праксата на неутралност.






