Сите оние кои ќе го кршат Преспанскиот договор ќе бидат ставени на американската „црна листа“. Истото се однесува и за Охридскиот рамковен договор. Ова е заверено со потпис на американскиот претседател Џо Бајден кој во вторникот ја потпиша новата Извршна наредба за замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои ја загрозуваат стабилноста на Западен Балкан. Новото во оваа наредба е што во неа се вклучуваат санкции и за лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор, соопшти Белата куќа.
– „Јас, Џозеф Бајден Помладиот, претседател на САД, го проширувам опсегот на итната состојба објавена со Извршната наредба 13219 од 26 јуни 2001 (Замрзнување на имот на лица кои ги загрозуваат меѓународните напори за стабилизација на Западен Балкан), прецизирана со Извршната наредба 13304 од 28 мај 2003 “, се вели во дел од Извршната наредба.
Затоа, Бајден наредува да бидат замрзнат сиот имот и интереси што се во САД на лица кои ќе ги одреди Секретарот за финансии, во консултација со Државниот секретар. Ова значи дека освен санкционирање на корупција или терористички активности, Белата куќа на „црна листа“ ќе ги става и лицата или групи кои се одговорни, директно или индиректно, за поткопување на демократските процеси или институции во Западен Балкан.
Ова се однесува на дејствие „кое го попречува или е закана по имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година“.







