Дека Охрид е Европски бисер нема сомнеж, но дали со проценетата просечна вредност на еден одмор од десет дена на 1,500 евра ќе ги задржат македонските туристи, прашуваат во прилог од ТВ21.
„Минатата година 70% од капациетите на охридско -струшкиот регион беа исполнети со домашни туристи. Тоа беше почеток за кој треба да размислуваме за поголема концентрација на туристите од нашиот регион да се задржат во Охрид или во Струга, бидејќи има неколку фактори домашните туристи да останат во нашата држава“, истакна Љупчо Цветановски.
Еве, што велат цените кои се одлучувачки при избор на дестинација за летен одмор. Во Охрид хотелско сместување во хотел со 3 или 4 ѕвезди со појадок и вечера би ве чинело од 25 до 30 евра од ден. Во јули и август цената во хотел со 4 ѕвезди за еднокреветна соба би ве чинела 51 евро од ден, двокреветна 74 евра и трокреветна од 99 евра до 150 евра од ден или 10 ноќевања со појадок, без лежалка за 1 000 евра до 1 500 евра.
Овие цени се повисоки и од оние хотелски сместувања покрај море во Турција, Албанија, Египет каде што ова лето може да се летува со хотелско сместување ол инклузив за 300, 400 и 500 евра, каде за деца до 15 години е бесплатно.
Се чини дека сепак, на Охриѓани предизвик им се странските туристи. Балканот и Македонија се атрактивни за гостите од Америка, азиските гости, европските велат.
„Првата група која ни доаѓа е на 20 јуни што ме радува многу. Тоа е еден факт дека светот се отвора Америка ја победува короната и Американците можат слободно да патуваат во светот“, посочи Филип Стефановски.
Со 15.000 денари и годинава ќе се субвенционираат работниците со ниски приходи чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари за да одат на одмор. Претходната година 12.000 денари беа определени за оваа програма.






