При престрелката девојчето било рането во стомакот и во раката и е во „стабилна“ состојба по укажаната медицинска помош, а момчето се предало и не било повредено.
Четиринаесетгодишно девојче е рането при престрелка со полициска патрола на Флорида, врз која пукала од пушка, заедно со две години помладо момче.
Девојчето и момчето во вторникот вечер избегале од дом за згрижување, бегале од полицијата што трагала по нив и упаднале во куќа во која пронашле арсенал од пушки и друго оружје. Од пушките отвориле оган врз патролата што пристигнала да интервенира. При престрелката девојчето било рането во стомакот и во раката и е во „стабилна“ состојба по укажаната медицинска помош, а момчето се предало и не било повредено.
– Не знам што да ви кажам. Каде сме тргнале кога деца на возраст од 12 и од 14 години мислат дека е во ред да се пука врз силите на редот? – изјави шерифот на округот Волусија, Мајк Читвуд.
Канцеларијата на шерифот објави деветминутно видео од полициската интервенција, од снимки од камери на полицајците и од хеликоптер. Пред патролата да отвори оган врз децата, се слуша како еден полицаец вели: „Таа нишани со пушката. Нишани од зад канта за ѓубре“.https://www.youtube.com/embed/MkdWnMtoLno?feature=oembed
Иако се малолетни, против децата е отворена истрага за вооружен грабеж и за обид за убиство на полициски службеник. Не се наведени нивните имиња. За момчето е наведено дека немало досие, но годинава двапати се заканувало дека „ќе фрли тула врз администратор“ и дека „ќе му ги истури цревата“ на соученик.
Девојчето пред само два месеца запалило шупа близу населени домови.
При сослушувањето, момчето признало дека повеќепати стрелале врз полицајците од пиштол, сачмарка и од автоматска пушка „ак-47“ што ги нашле во куќата.
Кога ги виделе полицајците пред куќата, девојчето наводно му рекло: „Ќе го свртам ова како ГТА“, алудирајќи на видеоиграта „Гранд тефт ауто“, која изобилува со насилство.
Полицајците што интервенирале изјавиле дека „настојувале да ја деескалираат ситуацијата“ воспоставувајќи личен контакт со децата, но по истрелите биле принудени да се скријат зад дрвја.
– Се обидовме да ја смириме ситуацијата. Фрливме мобилен телефон во куќата за да разговараме со нив. Четиринаесетгодишното девојче излезе од гаражата со сачмарка, ја испразни врз полицајците и, наспроти повиците да го фрли оружјето, се врати во гаражата. Кога излезе вториот пат, офицерите отворија оган. Офицерите сторија сè што можеа и малку фалеше да бидат убиени од деца. Ако не беше нивната обука, некој ќе завршеше мртов – изјави шерифот Читвуд.






