-Утрово во 6:33 часот започна процесот за третата трансплантација на срце во историјата на нашата земја. На двајца пациенти ќе им се трансплантираат бубрези. Доцна синоќа заедно со моите колеги Националната координаторка за трансплантација доц. д-р Маја Мојсова Мијовска тимот кардиохирурзи проф. д-р Сашко Јовев, академик Жан Митрев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Васил Папестиев, д-р Тања Анѓушева ги направивме подготовките за трансплантација на срце и бубрези од мртов донор чие семејство даде согласност да се донираат органите на пациентот. На тимовите лекари кои ќе ги вршат трансплантациите им посакувам многу успех. Да им држиме среќа, напиша Филипче во својот статус на Фејсбук.
По околу пет часа, успешно е завршена третата срцева трансплантација во Македонија. Срцето на 40 годишната почината жена донор сега чука во градите на 32 годишна жена.
-Кога е човечки живот во прашање не е важно дали е ден или ноќ, викенд или работен ден. Согласно претходно извршените подготовки, рано утрово околу 6:30 часот тимот кардиохирурзи го почна оперативниот зафат со цел трансплантација на срце од починат донор. Во просториите на државната кардиохирургија Академик д-р Жан Митрев заедно со д-р Никола Христов и проф. д-р Сашко Јовев од државната кардиохирургија придружени од анестезиолозите, како и тим на перфузонисти, инструментари, медицински сестри ја изведоа оваа операција која траеше околу 5 часа со што и официјално успешно беше извршена третата трансплантација направена во нашата земја. Станува збор за 40 годишна жена чие семејство даде согласност, нејзиното срце да продолжи да чука во градите на 32 годишна жена, објавија на Фејсбук од Жан Митрев.
Во текот на денешниот ден се очекуваат уште две бурежни транспланатации.
Донорот е жена од Скопје на возраст од 40 години. Таа добила спонтано крварење во мозокот и случајот бил иноперабилен.







