Во светиот и Велик Петок ги славиме светите, спасителни и страшни страдања на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, коишто Он заради нас доброволно ги прими: плукањето, биењето, шлаканиците, навредувањата, исмејувањето, багреницата, трската, сунѓерот, оцетот, клинците, копјето и, на крајот – Крстот и смртта, а сето тоа се изврши во петок.
Затоа, богоносните отци ни заповедаа да вршиме спомен на сè она што се збидна оној Петок, со скрушеност на срцето и со умиление. Треба да се знае дека Господ беше распнат во шестиот ден, односно во петок, затоа што во почетокот човекот беше создаден во шестиот ден. И тоа што во шестиот час од денот Он висеше на Крстот, беше затоа што во тој час, како што велат, и Адам ги пружи рацете кон забранетото дрво, го допре и умре. Бидејќи требаше, во оној час кога бидна падот, во истиот час да биде и пресоздавањето.
Некои светители велат дека, според извесни преданија, на местото Голгота бил погребан од некој ангел самиот праотец Адам. А таму каде што е трупот, таму доаѓа и орелот – Христос, вечниот Цар, Новиот Адам, Кој стариот и паднатиот преку дрвото Адам, го исцелува со дрвото на крстот.
Според преданието, Христос починал на крст во „шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале“.

Од тогаш, на Велики петок бијат дрвени ѕвона, а камбаните не ѕвонат се до недела кога првпат ќе се огласи радоста на Христовото воскресение.
По импровизираното судење, Христос бил изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја кој го осудил на смрт и го предал на народот.
Откако ја изрекол пресудата, Понтиј Пилат ги измил рацете и му се обратил на насобраниот народ со зборовите: „Јас не сум крив за смртта на овој праведник“.
Потоа, со венец од трње на главата Христос го носел својот крст до ридот Голгота каде е распнат и каде пред да испушти душа побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: „Оче, прости им зашто не знаат што прават“.
Времето на смртта и симнувањето на телото Господово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос. Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовотo погребување придружено со звуци на тропала.
Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение.
Правoславниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце.
Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле. Обичај е на тој ден да се вапсуваат велигденските јајца во црвена боја, која со симболичка смисла ја претставува невино пролеаната крв на Христос.
Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.
Веста за воскресението в сабота на полноќ ќе ја објават свештениците и архиереите на богослужбите во сите цркви и манастири на Македонската православна црква во земјава и во странство.






