Денеска е Лазарова сабота, еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус. Лазарова сабота е променлив празник и секогаш се паѓа еден ден пред Цветници, кои се точно една недела пред најголемиот празник Велигден.
На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар извршено од Исус Христос. Овој настан бил на шест дена пред предавството и убиството на Христос на Голгота. На Лазарева сабота обичај е да се носат гранчиња од врба што симболично претставува свечено Христово влегување во Ерусалим, каде што го пречекале следбениците.
На овој ден обично се оди на река и се вели: Колку далеку го фрлив овој камен, толку подалеку да биде змијата од мене! Дента се бере цвеќе, но не се внесува дома, туку важно е да се остави во дворот. Потоа со цвеќето се кити домот, а со водата каде стоело се замиваат домашните.
Во Македонија групи девојчиња – Лазарки, облечени како невести одат и пеат лазаревски песни, како обичај за големиот празник.
Според традицијата, група девојчиња, од кои едно е „невеста“, ги посетуваше православните домови пеејќи песна, со која се посакуваат свадби и благосостојба во семејствата.

„Лазарките“, како што се нарекуваат, текстот го прилагодуваа зависно дали во семјство има мома или момче за мажење/женење.
За разлка од порано кога имало повеќе „лазарки“, пет-шет па и повеќе девојчиња, изминатите пет-шест години имаше само една група со три девојчиња.
Откако ќе ја испееа песната, домаќинките ги даруваа со свежи, неварени јајца, благо и пари.






