Се финализираат подготовките на салата „Борис Трајковски“ каде ќе се врши масовна вакцинација.
Подготвени се вкупно 48 позиции за истовремено вакцинирање и капацитет да се вакцинираат околу 5000 граѓани дневно.
Согласно планот ќе се работи во две смени од 08:00 до 20:00 часот.
Во текот на вчерашниот ден вакцинирани се 730 граѓани на пунктовите низ државата. Дневно од 30 до 55 лица се вакцинирале во еден пункт. Според податоците на Националниот систем „Мој Термин“, голема е заинтересираноста на граѓаните над 77 години кои од вчера почнаа да се вакцинираат, односно само два отсто од граѓаните кои имале закажано термин не ја примиле вакцината, соопшти Министерството за здравство.
Вакцинацијата на лицата кои спаѓаат во 1б групата стартуваше вчера во поликлиниките „Јане Сандански“, Чаир и Букурешт во Скопје, во здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци.






