Пишува на Твитер Каша Попара:
Нишка за ослободен кревет во 8ми Септември. Се викаше Елена, а вие ја знаете по денешната статистика на починати пациенти од ковид, односно ‘најмладиот пациент на возраст од (неполни) 34 години’. И толку. За некого само бројка, за друг трагедија.
Елена е најпозитивната личност што некогаш сум ја запознала. На секој проблем враќаше со насмевка и низ смеа поминуваше низ најтешките моменти. Кога имаше 14 години, на нејзиниот роденден ги изгуби татко и и вујко и, невидена семејна трагедија, уште паметам.
Пред неколку недели се породи, но поради ковид беше хоспитализирана и преместена од ГАК, каде што остана бебето (живо и здраво). По емоционалниот ролеркостер – подобра е – полоша е, денес ја изгуби битката.
Болницата 8 септември со тоа доби кревет слободен за нови пациенти. Но две деца изгубија мајка. Ние изгубивме некој што секогаш бил тука за нас, некој кој одвај сме чекале да му ги кажеме проблемите за да направи да изгледаат помали.А нејзините? Таа и онака ги поминувала низ смеа.
Секојдневно само ги чекаме и читаме бројките, не запрашувајќи се какви приказни носат. Тие приказни никој не ни ги кажува, нема каде да ги прочитаме.







