Пробував да му помогнам, но беше тргнат по погрешен пат. Нека си ја сноси одговорноста, вели кардиохирургот Жан Митрев, откако германските медиуми објавија дека на неговиот син Филан, му се суди за тероризам.
Филан Митрев е обвинет за тероризам откако во ноември лани со уште двајца осомничени биле откриени дека подготвуваат самоубиствен напад во угостителски објект.
Информацијата за обвинетиот терорист од Македонија, кој со уште две лица од Турција беше уапсен во ноември лани, го привлече вниманието на македонската јавноста, откако на 2 септември започна судскиот процес во Германија, а германските медиуми пренесоа дека татко на Филан М., е сопственик на клиника за кардиохирургија во Македонија.

„Додека беше малолетен, пробував да му помогнам колку тоа беше можно од далечина на 2 000 километри. Но, беше тргнат по погрешен пат и пред 6 години се прекина контактот. Тој сега е 25 години и ако се огрешил пред законот ќе си ја сноси одговорноста. Многу ми е жал што како млад човек со сите можности, избрал најстрашен и најбесмислен пат во неговиот живот“, изјави кардиохирургот Жан Митрев, за Сител.






