Ковид-19 коси секаде, но колку е страшен вирусот знае поширокото семејство на Гоце Илиески од Прилеп, возач во Брза помош, кој 12 години брза да помага на други, но дојде денот кога хуманите луѓе треба да му возвратат. Дали Гоце ќе ја загуби битката со болеста или ќе има среќа на неговите 42 години повторно да застане на нозе и да спасува животи, зависи и од доброто срце на луѓето, кои се молат да донираат средства, за да може тој да го плати лекувањето во „Систина“. ММС разговараше со негови колеги и роднини и сите се со споени раце, со молба за помош до сите познати и непознати за спас на овој млад живот.
-Има само 42 години, наш возач во Брза помош долги години, над 12 години. Со Ковид- 19 се зарази тука, на работното место. Ние во Брза помош веќе половината го имаме поминато Ковид-19, кој полесно, кој потешко, но ете Гоце многу заглави. Во моментов е во тешка состојба во „Систина“ на респиратор. Еден болнички ден му е 2.250 евра. Сите собираме и сите ги молиме да помогнат, вели доктор Гордана Николовска – Димеска од прилепската Брза помош.







