Ризикот од рак на дојка расте со возраста, а секоја осма жена се соочува со оваа болест во текот на животот. Онколошкиот хирург д-р Прити Субхедар истакнува дека исхраната е еден од ретките фактори на ризик врз кои можеме да влијаеме.
Таа советува жените над 50 години да ја ограничат храната со висок гликемиски индекс, како бел леб, бел ориз, пецива, засладени житарки и пијалаци. Таквите намирници нагло го зголемуваат шеќерот и инсулинот во крвта, создавајќи услови за воспаленија и абнормален раст на клетките.
„Храната со висок гликемиски индекс го стимулира лачењето на инсулин и факторот IGF-1, кои поттикнуваат раст на клетките и го зголемуваат ризикот од рак“, вели д-р Субхедар, додавајќи дека тие можат да доведат и до зголемување на телесната тежина и повисоко ниво на естроген.
Како поздрави алтернативи, таа препорачува зелен лиснат зеленчук, интегрални житарки, мешунки и овошје, а наместо компир – карфиол, и замена на белиот ориз со киноа или кафеав ориз.
„Медитеранската исхрана е најдобар пример за план што го ограничува внесот на храна со висок гликемиски индекс“, заклучува таа, додавајќи дека важно е да се одржува здрава тежина, редовно да се вежба и да се консумира умерено количество алкохол.






