Државната изборна комисија (ДИК) денеска разгледува 16 приговори поврзани со гласањето и сумирањето на резултатите во три општини: Брвеница, Шуто Оризари и Карпош.
Приговорот на кандидатот за градоначалник Хаќим Рамадани за пет избирачки места во Општина Брвеница едногласно беше отфрлен од страна на членовите на ДИК. Членот Ангелчо Ристов образложи дека приговорот има правни недостатоци, бидејќи според законот треба да биде поднесен од подносителот на кандидатската листа, а не од самиот кандидат, поради што е прогласен за недозволен.
Во Општина Шуто Оризари се поднесени вкупно 13 приговори – 10 од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и три од Сојузот на Роми. За Избирачко место 2956, ДИК го отворил материјалот поради сомнеж за несовпаѓање на две гласачки ливчиња. По пребројувањето, не било утврдено дополнително ливче, а приговорот бил одбиен. Сепак, констатирана е промена во бројот на гласовите за кандидатот со реден број 9 (два гласа помалку) и во бројот на неважечки ливчиња (вкупно 10, наместо осум).
Разгледувањето на приговорите за Избирачко место 2971 во Шуто Оризари и за Општина Карпош е во тек на 156-тата седница на ДИК.






