Двајца загинати и петмина повредени е билансот на тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера попладне на патот Прилеп – Градско, соопшти Прилепското јавно обвинителство.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло при претекнување и судир на автомобили што се движеле во иста насока. Еден од загинатите е возачот на едното возило кое учествувало во судирот.
Од Министерството за внатрешни работи претходно соопштија дека во несреќата се повредени пет лица, од кои двајца починале.
„На местото на настанот увид извршил дежурен јавен обвинител, кој издал наредби за прибирање на траги и докази, како и за изработка на сообраќајно и машинско вештачење на возилата. Врз телата на починатите ќе биде извршена обдукција, додека кај преживеаниот возач ќе се испитува евентуално присуство на алкохол или други психоактивни супстанции“, информираат од Обвинителството.
Во меѓувреме, доктор Ненад Лазаров, кој се затекнал на местото на трагедијата, на социјалните мрежи сподели потресна објава. Тој вели дека застанал да им помогне на повредените и дека она што го видел било „повеќе од хорор“.
„Пред два часа како случајни минувачи на патот помагавме на тешка сообраќајка по Плетвар кон Кавадарци, двајца загинати и пет души тешко повредени, најстариот околу 40 години. Ве молам и апелирам да возите нормално и внимателно, јас сум лекар 15 години вакво нешто немам видено досега. Не сакам ни да видам, шокантно беше и вечерва да се молиме сите останатите петмина млади да ги преживеат повредите“, напиша Лазаров.
Според него, сите повредени и загинати се млади луѓе, што ја прави трагедијата уште потешка.







