Товарен авион на компанијата UPS се урна и се запали кратко по полетувањето од меѓународниот аеродром „Луисвил“ во Кентаки, при што загинаа најмалку седум лица, меѓу кои и сите тројца членови на екипажот во авионот. Според првичните информации, единаесет лица на земја се повредени.
Несреќата се случила во вторник околу 17:15 часот по локално време, кога летот UPS 2976, кој требало да лета кон Хаваи, изгубил контрола веднаш по полетувањето и се урнал во близина на аеродромот.
„Вестите од Луисвил вечерва се тешки – бројот на жртви достигна седум, а за жал се очекува да порасне“, напиша гувернерот на Кентаки, Енди Бешир, на платформата „Икс“.
Авионот, кој имал три мотори и бил полн со гориво за осум и пол часа лет до Хонолулу, целосно изгорел по ударот. Истражителите од Националниот одбор за безбедност во сообраќајот на САД (NTSB) треба да пристигнат на местото на несреќата во текот денешниот ден.
Едно од клучните прашања што ќе се испитуваат е дали моторот се одвоил од авионот пред падот, потврди извор запознаен со текот на истрагата.
I was just sent this angle of the Louisville UPS crash. pic.twitter.com/75FzgwjuDC
— Swan (@AndySwan) November 5, 2025






