Претседателот на германската централна банка, Јоахим Нагел, во понеделникот повика на зголемување на старосната граница за пензионирање со цел да се зајакне економијата на земјата, која се соочува со сериозна стагнација.
– Дури и ако тоа е непопуларно, мора да бидеме искрени со себе: ние сме општество што старее – изјави Нагел, додавајќи дека треба да се работи подолго за да се зачува просперитетот што генерациите го изградиле по Втората светска војна.
Тој во интервју за подкастот Table Media рече дека граѓаните на Германија треба да имаат доверба во институциите и да разберат колку се сериозни предизвиците, додавајќи дека зголемувањето на старосната граница е клучно за конкурентноста на Германија и на Европа.
Германската економија – најголемата во Европа – се наоѓа во најдлабока криза во последните децении, по неколку последователни години рецесија.
Очекувањата за раст во 2025 година се минимални, но економистите прогнозираат умерено закрепнување во 2026 година, главно поради големите државни инвестиции во инфраструктура и одбрана.
Нагел изрази умерен оптимизам за можниот економски опоравок:
– Сигурен сум дека ќе видиме поголем раст следната година, доколку средствата се насочат правилно во идни инвестиции – рече тој.
Некои економисти предупредуваат дека милијардите евра задолжени инвестиции би можеле да се искористат неефикасно – за пополнување на буџетски дупки – но Нагел оцени дека таквата критика е прерана и дека вистинските ефекти од државниот стимул уште не се видливи.
– Владата е свесна за својата одговорност по тоа прашање – додаде тој.







