Белоруски мировници се подготвени да бидат распоредени во Украина доколку се покаже потреба, изјави Алексeј Скабеј, шеф на Одделот за меѓународна воена соработка и мировни активности при Командата на сили за специјални операции на вооружените сили на Белорусија.
„Мисијата во Украина е можно да се реализира само со согласност на двете страни. Не зависи само од нас, туку од одлуките на страните. Подготвени сме да помогнеме на барање на двете страни – секогаш сме подготвени“, изјави Скабеј за белоруската телевизија STV.
Белорусија е еден од најголемите сојузници на Русија во војната против Украина од февруари 2022 година, обезбедувајќи логистика, воени бази и аеродроми за напади. Претседателот Александар Лукашенко отворено ги поддржува акциите на Русија, а земјата е обвинета и за помош во депортација на украински деца.
Претходно, Лукашенко изјави дека само белоруски мировници можат да обезбедат нормални односи меѓу Украина и Русија, но дека Минск нема да ги испрати на фронт.
Според извештаите, Обединетото Кралство и Франција подготвиле план за распоредување на до 30.000 европски војници во Украина, додека САД ја поддржуваат европската мисија, но не учествуваат директно. Исто така, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговарал за можен распоред на трупи во Украина со украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.





![ЦЕЛ АРСЕНАЛ: Полицијата изврши претрес во Батинци, погледнете што пронајде [ФОТО]](https://bulevar.com.mk/wp-content/uploads/2025/05/473995718_1308532236941904_2377622693071422955_n-424918.png)
