Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, денеска поднесе неотповиклива оставка поради лошите резултати на изборите. Во видео-обраќање на Фејсбук, тој нагласи дека вложил целосно, без калкулации, но сепак резултатот е лош.
„Поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на општинската организација. Верувам дека е исправно и потребно e оставка да поднесат и претседателот Филипче и целото раководство на СДСМ. Не само заради лошите резултати, туку и заради начинот на дејствување на СДСМ во изминатиот период“, рече Ацевски.
Лидерот на партијата, Венко Филипче, синоќа на прес-конференција по вториот круг од локалните избори, потврди дека Ана Чупеска поднела оставка од позицијата потпретседателка на СДСМ, но нагласи дека тој не планира да се повлече од функцијата претседател на партијата.
„Ќе има седници на Извршниот и Централниот одбор на кои ќе ги обзнанам тие промени и секако ќе планираме и организираме конгрес на кој ќе се дискутираат политиките за наредниот период. Сметам дека тоа што се направи во партијата изминатиот период после еден таков навистина катастрофален пораз лани беше консолидација, меѓутоа секако дека овие избори се дополнителен показател од кој ќе влечеме пораки и поуки за во иднина“, порача Филипче.
Тој додаде дека соработката со Чупеска ќе продолжи во друга форма.







