Кина: Подготвени сме за зајакнување на соработката со Русија
Кинескиот премиер Ли Ќијанг изјави дека Кина е подготвена да ја зајакне соработката со Русија во сите области, вклучувајќи ја и безбедноста, со цел поефикасна заштита на интересите на двете земји. Тој истакна дека меѓународната ситуација доживува фундаментални промени и дека Кина е спремна за интензивен стратешки дијалог со Русија.
Ли Ќијанг се сретна со рускиот премиер Михаил Мишустин во Хангџоу, со цел размена на мислења за прашања од заеднички интерес. Тој додаде дека годинава двете земји организирале настани по повод 80-годишнината од победата во Големата татковинска и Втората светска војна, што дополнително го продлабочило нивното пријателство.
Мишустин нагласи дека односите меѓу Русија и Кина продолжуваат динамично да се развиваат и се на највисоко ниво досега, и покрај западните санкции. Посебно внимание се посветува на проширување на инвестиционата соработка. Тој истакна дека на 1 декември ќе стапи на сила меѓувладин договор за промоција и меѓусебна заштита на инвестиции, потпишан на самитот во Москва на 8 мај, кој ќе овозможи создавање нови заеднички компании помеѓу руски и кинески инвеститори, засновани на взаемна корист и почитување на меѓусебните интереси.







