Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да испрати војници или да нареди воздушни напади во Нигерија, доколку насилствата врз христијаните во земјата продолжат.
На прашање од новинарите дали станува збор за можност за воена интервенција или воздушни удари, Трамп одговори кусо, но јасно:
„Може да биде. Замислувам многу опции. Таму убиваат рекорден број христијани. Нема да дозволиме тоа да продолжи.“
Заканата дојде откако неговата администрација повторно ја стави Нигерија на листата на „земји што предизвикуваат особена загриженост“ поради сериозни прекршувања на верските слободи. На таа листа се и Кина, Русија, Мјанмар, Северна Кореја и Пакистан.
Одговор пристигна и од Абуџа. Советникот на нигерискиот претседател Боле Тинубу, Даниел Бвала, изјави дека Нигерија ја прифаќа американската поддршка во борбата против исламистичките бунтовници, но само доколку се почитува нејзиниот суверенитет.
„Ја поздравуваме помошта од САД, сè додека таа го признава нашиот територијален интегритет“, нагласи тој.
Нигерија има над 237 милиони жители поделени меѓу околу 200 етнички заедници. Северот е претежно муслимански, а југот христијански. Земјата повеќе од 15 години се соочува со терористички напади од групата Боко Харам и нејзините фракции, кои предизвикаа десетици илјади жртви и милиони раселени.







