Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди директна дискриминација кон бремена работничка, вработена како магационерка во голема фирма за увоз и извоз.
Според одлуката на Комисијата, магационерката имала договор на определено време, кој редовно ѝ бил продолжуван на секои три месеци. Последниот договор требало да истече на 5 март 2025 година. Меѓутоа, откако ги известила претпоставените дека е бремена и добила препорака за едномесечно боледување поради патолошка бременост, фирмата само четири дена пред истекот на боледувањето ѝ соопштила дека договорот нема да ѝ биде продолжен.
Фирмата, преку ангажиран адвокат, тврдела дека отказот бил „најчисто рационално решение“ и дека четворица други магационери исто така биле „рационализирани“. Сепак, КСЗД утврдила дека подносителката на претставката е единствената која останала без продолжување на договорот, додека другите работници или го продолжиле договорот, или добиле трајно вработување, или го раскинале спогодбено.
Комисијата нагласи дека во овој случај станува збор за дискриминација врз основа на бременост и работничката е заштитена согласно законската регулатива.







