По убиството во Ново Место, во кое животот го загуби 48-годишен маж, словенечките власти воведоа засилени безбедносни мерки во областа Долeнска.
На терен е распоредено зголемено присуство на полиција, а одлучено е да се активираат и мешовити патроли составени од полиција и војска, пренесува РТВ Словенија.
Според одлуката на Секретаријатот на Советот за национална безбедност, војската ќе ѝ дава поддршка на полицијата со човечки ресурси и опрема, но без полициски овластувања.
Безбедносната состојба во регионот ќе се проверува на месечно ниво, соопшти Канцеларијата за комуникации на Владата.
Премиерот Роберт Голоб ја поддржа активацијата на членот 37 од Уставот, кој овозможува ангажирање на војската во одржување на внатрешната безбедност во исклучителни околности.
Слична мерка беше применета во 2015 година, за време на мигрантскиот бран, и според властите се покажала како ефикасна поддршка на полицијата.
Засилените мерки доаѓаат по нападот во кој, според досегашните информации, 21-годишен припадник на ромската заедница го усмртил 48-годишниот маж.
Инцидентот дополнително ги влоши односите меѓу ромската и неромската заедница во регионот и предизвика бран загриженост за безбедноста на граѓаните.







