Европската Унија останува посветена на својата визија за одбрана и безбедност, без оглед на најавата на САД за намалување на бројот на американските војници во источна Европа, изјави портпаролот на Европската комисија за одбрана, Тома Рение.
„Тоа не менува ништо во нашите јасни планови поврзани со Патоказот за одбраната и четирите водечки модели, меѓу кои е и иницијативата ‘Чувар на источното крило’“, рече Рение, додавајќи дека нејзината реализација треба да започне во првиот квартал од 2026 година и до крајот на годината да стане оперативна долж источниот дел на континентот.
Рение нагласи дека Европската Унија има сопствен стратешки правец, договорен од лидерите на последниот Европски совет, и ќе продолжи да го следи во тесна координација со земјите членки.
На прашањето дали промените во американското воено присуство ќе влијаат врз европскиот одбранбен патоказ, тој одговори дека Унијата останува во блиска соработка со НАТО и Украина, но дека Европа мора да гради автономна одбранбена способност.
Портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика, Ануар Ел Ануни, додаде дека Европа мора да ја преземе одговорноста за сопствената безбедност во рамките на силното трансатлантско партнерство.
„Улогата на САД како клучен партнер во европската и трансатлантската безбедност не е доведена во прашање. Но, ЕУ презема сè поголема одговорност за својата одбрана и до 2030 година има цел да ја зајакне својата подготвеност за соочување со актуелните и идните закани,“ истакна Ел Ануни.






