Јавното претпријатие „Шар“ од Тетово соопшти дека за околу еден час ќе започне пуштањето на водата во дистрибутивната мрежа низ целиот град.
Сепак, претпријатието предупредува дека поради интензивните врнежи од дожд кои продолжуваат и вечерва во регионот на Шар Планина, особено во реонот на Попова Шапка, дошло до заматување на водата во изворите. Затоа, водата засега е непогодна за пиење.
Од ЈП „Шар“ апелираат граѓаните водата да ја користат само за основни потреби, како одржување на хигиената и чистење, сè додека не завршат новите лабораториски анализи.
Следното испитување на квалитетот на водата ќе се изврши утре, по што јавноста веднаш ќе биде информирана за резултатите.
„Ви благодариме за разбирањето и соработката“, наведуваат од ЈП „Шар“ Тетово.







