Во појасот Газа постојат четири палестински групи кои, според нивниот лидер Хосам ал-Астал, уживаат поддршка од Израел и од неколку арапски и западни држави со цел да го отстранат Хамас од власт.
Астал изјави за „Скај њуз“ дека групите делуваат од области под израелска контрола, зад таканаречената „жолта линија“, утврдена со договорот за прекин на огнот. „Имаме заеднички проект – јас, Јасер Абу Шабаб, Рами Халас и Ашраф ал-Манси. Сите сме за ‘Новата Газа’, без Хамас и без тероризам“, рече тој.
На видеоматеријалите објавени од „Скај њуз“ се гледаат припадници на неговата милиција како парадираат во близина на база која, според извештајот, се наоѓа помалку од 700 метри од позициите на израелската армија.
Астал откри дека оружјето го купува од поранешни борци на Хамас, а муниција и возила пристигнуваат преку преминот Керем Шалом, во координација со израелските сили. „Сега се грижиме за триесетина семејства, им обезбедуваме храна и основна помош“, додаде тој.
Извори за „Скај њуз“ тврдат дека милициите добиваат поддршка и од странски држави. Заменикот на Абу Шабаб, Гасан ел-Духин, бил фотографиран покрај возило со регистарски таблички од Обединетите Арапски Емирати, а нивниот симбол е сличен на оној на милиција поддржана од Емиратите во Јемен.
„Да, постојат арапски земји кои го поддржуваат нашиот проект ‘Нова Газа’ — мир без Хамас и без тероризам“, изјави Астал.






