Рускиот десантен брод „Александар Шабалин“ од Балтичката флота се усидри близу германскиот брег во Балтичкото Море, предизвикувајќи загриженост кај членките на НАТО. Бродот се наоѓа близу влезот во Либечкиот Залив, на клучна поморска рута кон Северното Море, видлива од германскиот остров Фемарн.
Бродот е под надзор на германскиот патролен „Бамберг“ и дански поморски сили, а германската морнарица испрати и помошен брод од Кил. Германските власти потврдија дека „Шабалин“ е надвор од територијалните води и не ги прекршува меѓународните закони.
Ова не е првпат истиот брод да се појави во регионот — во септември беше забележан во близина на Данска, кога беа регистрирани и непознати дронови над данска воена база.
Инцидентот се случува во период на зголемени тензии, откако Русија во последните месеци неколкупати го прекрши воздушниот простор на членки на НАТО, меѓу кои Полска, Естонија, Данска, Германија и Романија.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека земјите на Алијансата имаат право да ги соборат руските летала при нови прекршувања. Литванската министерка за одбрана ја потсети јавноста на случајот од 2015 година, кога Турција собори руски авион што ја преминал границата на само 17 секунди.
НАТО, според Блумберг, го предупредил Кремљ дека ќе одговори „енергично“ на секоја наредна провокација, додека Москва таквите ставови ги нарече „опасни“.







