Русија и САД, според изјавите на специјалниот претставник на Кремљ Кирил Дмитриев, се „многу блиску до дипломатско решение“ за прекин на војната во Украина.
Дмитриев, кој вчера пристигна во Вашингтон, за Си-Ен-Ен изјави дека средбата меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп не е откажана, туку можно е да се одржи на нов датум.
– „Фактот што претседателот Зеленски признава дека ова се бојни линии е голем чекор. Порано бараше целосно повлекување на Русија. Сега сме поблиску до договор од кога било“ – рече Дмитриев.
Неговата посета доаѓа само неколку дена откако САД воведоа санкции против Росњефт и Лукоил, со цел да ја зголемат економската цена на руската инвазија. Дмитриев оцени дека санкциите ќе имаат спротивен ефект – ќе ја зголемат цената на горивото во САД.
Според американскиот портал Axios, Дмитриев ќе се сретне со специјалниот пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф, за да разговара за можностите за нов мировен формат.







