Рамо Р., познат како „Балканскиот Ескобар“ и со македонско и австриско државјанство, е уапсен додека одморал во Шпанија, објави австрискиот портал Кроне. Апсењето било резултат на следење на шифрирани пораки, преку кои инспекторите успеале да го лоцираат.
Рамо Р. со години се сметал за еден од највлијателните организатори на меѓународната трговија со дрога, со развиена мрежа што се протега од Балканот до Јужна Америка. Операцијата ја спроведе работната група „Ахил“ на австриската федерална криминална полиција.
Познат на полицијата од 2015 година, кога беше уапсен во Виена и осуден на долга затворска казна, Рамо Р. по ослободувањето бил предмет на нова европска потерница поради трговија со дрога. Истражителите утврдиле дека неговата криминална банда шверцувала над еден тон дрога, вклучувајќи кокаин, хероин, канабис и екстази, чија вредност се проценува на десетици милиони евра.
Во рамките на операцијата веќе се уапсени неколку високо рангирани членови на бандата, а Рамо Р., познат и како „Шефот“, останува во притвор и се соочува со долга затворска казна.







