Поранешниот руски претседател и сојузник на Владимир Путин, Дмитриј Медведев, остро реагираше на одлуката на САД да воведат санкции кон руските нафтени гиганти „Роснефт“ и „Лукоил“, оценувајќи дека тоа претставува „објава на војна против Русија“.
Во објава на Телеграм, Медведев порача дека американскиот претседател Доналд Трамп „целосно застанал на страната на Европа“ и дека со овие санкции „пристапил кон војна, а не кон мир“. „САД се наш противник, а нивниот ‘пријателски’ миротворец сега води сопствен конфликт со Русија. Одлуките што се донесени се чин на војна“, напиша тој.
Руското МНР го нарече потегот на Вашингтон „екстремно контрапродуктивен“, а портпаролката Марија Захарова предупреди дека доколку Трамп ја следи политиката на своите претходници, мировниот процес ќе заврши со неуспех.







