Ниту една фирма не се пријави на јавниот повик на ЈПВ „Лисиче“ за чистење на вештачкото езеро Младост кај Велес од органските наслаги и исушената вегетација. Повикот, кој заврши на 13 октомври, предвидуваше механичко отстранување на мртвите алги, трските и исушените дрвја, за што веќе имаше одобрение од Министерството за животна средина.
Од „Лисиче“ велат дека во предвидениот рок не пристигнала ниту една понуда и најавуваат нов повик. Оваа интервенција е дел од препораките на Хидробиолошкиот завод од Охрид за ревитализација на езерото, заедно со дотур на свежа вода преку бушотини кај Отовичка Река и замена на вентилот на браната. За сите активности Владата одвои 10 милиони денари.
Според микробиолошките анализи на Центарот за јавно здравје Велес, водата во езерото е „добра до одлична“, но поради присуството на пивтиести наслаги и алги и натаму е забранета за капење и рекреација. Иако веќе една година се предупредува на можност за појава на цијанотоксини, анализата сè уште не е направена – тестот во Белград чини само 110 евра.






