Руски политичар сакал да избегне затвор – заврши загинат во Украина
Поранешниот заменик-градоначалник на Чељабинск, Сергеј Репринцев, загина на фронтот во Украина, објави рускиот портал info24. Веста ја потврди неговиот пријател и соборец Константин Головин, кој најави дека погребот ќе се одржи на 23 октомври.
Репринцев, поранешен претседател на градскиот Одбор за урбанизам и архитектура, во април потпишал договор со руското Министерство за одбрана – додека бил под истрага за корупција.
Тој беше уапсен во јули 2024 година под сомнение дека примил мито од 10 милиони рубљи (околу 100.000 евра) за усогласување на урбанистички планови во Чељабинск. Во случајот бил вмешан и локален пратеник, Виталиј Паутов.
Според руските медиуми, ова не е изолиран случај – повеќе осомничени и осудени лица во Русија заминуваат на фронтот во Украина за да избегнат затвор, меѓу кои и поранешниот член на криминалната група на Сергеј Цапок, кој исто така загинал во борбите.







