Бугарија е подготвена да го отвори својот воздушен простор за рускиот претседател Владимир Путин доколку тој одлучи да патува во Будимпешта на најавената средба со американскиот претседател Доналд Трамп, изјави бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев.
„Таквите логистички прашања можат да се разгледуваат само кога состанокот на претседателите Трамп и Путин ќе биде официјално потврден. Прво треба да го дознаеме датумот, а потоа да зборуваме за техничките детали“, рече Георгиев на Самитот на ЕУ во Луксембург.
Тој нагласи дека Софија нема намера да попречува дипломатски иницијативи што можат да придонесат кон мир во Украина. „Кога се прават напори за мир, логично е сите страни да помогнат во нивното остварување“, додаде министерот.
На прашањето дали тоа значи дека Путин ќе може да прелета преку бугарскиот воздушен простор, Георгиев одговори: „А како поинаку би можел да стигне до Будимпешта ако не му се овозможи прелет?“
Во исто време, шефот на бугарската дипломатија потврди дека Софија ќе го поддржи 19. пакет санкции на Европската унија против Русија, кој треба да биде усвоен оваа недела. Тој додаде дека Бугарија останува доследна во својата поддршка на Украина – и воено и технички.







