Романската пратеничка во Европскиот парламент, Дијана Шошоака, за време на посетата на Русија се пофали дека во 2023 година го спречила украинскиот претседател Володимир Зеленски да се обрати пред романскиот парламент, и вети дека ќе му ги „скрши нозете“ доколку повторно се обиде да го направи тоа.
Романската политичарка ја даде изјавата за време на состанокот на Меѓународното културно здружение „Пријатели на Русија“, со кое претседавал прорускиот активист Петро Страмечи.
„Ако се осмели да дојде во мојот парламент – ќе му ги скршам нозете. Не смее да одржи говор во мојот парламент. Зошто велам ‘мој’? Затоа што романскиот устав вели дека ние, пратениците, сме претставници на романскиот народ и единствените кои можат да го претставуваат суверенитетот на нацијата“, изјавила таа, пренесува „Украинска правда“.
Во својот говор Шошоака ги повторила пропагандните тврдења на Кремљ за наводно „прогонство на повеќе од еден милион Романци во Украина“, на кои им било „забрането да зборуваат романски јазик и да ја практикуваат православната вера“.
Таа се пофалила дека нејзината „националистичка порака“ е многу популарна меѓу младите и дека добила аплауз од присутните.
Шошоака е позната по своите проруски изјави. Во моментов е под истрага во Романија по 11 точки од обвинението, меѓу кои и промовирање на култот кон воени злосторници и негирање на Холокаустот.
Украинската служба за безбедност претходно ѝ забранила влез во Украина во период од три години.






