Во фокусот на денешната средба во Белата куќа меѓу претседателите Доналд Трамп и Володимир Зеленски ќе биде можната испорака на американски ракети „Томахавк“ за Украина — проектил со дострел од околу 2.500 километри, способен да погоди цели длабоко во територијата на Русија.
Темата доби дополнителна тежина по синоќешниот, најдолг досега, двочасовен телефонски разговор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. Трамп изјави дека Путин очекувано се обидел да го одврати од продажбата на проектилите, но тој не ја исклучува можноста за нивна испорака.
„Се разбира дека Путин се обиде да ме убеди. Што мислите дека ќе каже – ‘Ве молам, продајте ги Томахавците’? Му реков директно: дали би ти пречело ако им дадам неколку илјади ракети ‘Томахавк’ на твоите противници? Не му се допадна идејата,“ изјави американскиот претседател.
Зеленски веќе пристигна во Вашингтон, каде што дозна дека Трамп договорил самит со Путин – потег кој во Киев и меѓународната јавност се доживува како дипломатски удар. Украинскиот лидер се сретна со претставници на американската компанија што ги произведува системите за противвоздушна одбрана „Патриот“, а на социјалните мрежи порача дека се надева примерот на примирјето во Газа ќе се пренесе и во Украина.
Самитот Трамп–Путин се очекува да се одржи во наредните две до три недели во Будимпешта, со домаќинство на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Ќе се сретнеме во Унгарија. Орбан ќе биде домаќин – и време е тоа да се случи,“ изјави Трамп, додавајќи дека очекува конструктивен разговор.
Орбан, пак, изјави дека подготовките се во тек и дека Унгарија ќе биде „остров на мирот“ во време на глобални тензии.
И покрај тоа, во фокусот останува прашањето како Путин би патувал до Будимпешта, со оглед дека Унгарија е опкружена со членки на НАТО и земји потписнички на статутот на Меѓународниот кривичен суд, кој има издаден потерница против рускиот лидер. Како можни опции се разгледуваат посреднички летови преку Србија или Турција, или создавање посебен воздушен коридор за неговото пристигнување.






