Според извори на израелскиот канал i24 News, посредниците на Хамас информирале дека телата на израелските заробеници се наоѓаат седум ката под земја, близу неексплодирани бомби. Извлекувањето на телата ќе бара специјална опрема која моментално не е достапна, бидејќи израелската војска го спречува пристапот до Појасот Газа.
Некои тела се закопани во тунели уништени од израелската војска, додека други остануваат под рушевини од згради погодени во воздушните напади. Хамас потврди дека дел од телата веќе се предадени, но извлекувањето на преостанатите бара тешка механизација и специјални алати, кои Израел не дозволува да влезат.
Хамас ја обвини владата на Нетанјаху за одложување и опструкција на хуманитарните напори, истакнувајќи дека секое одложување во враќањето на телата е нивна одговорност. Израел, од своја страна, предупреди дека ќе ги продолжи воените операции во Газа ако Хамас не ги испочитува сите услови од договорот за прекин на огнот, особено повратокот на преостанатите тела.







